ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг на овие локални избори доби 33 градоначалници, што ја прави апсолутен победник иако факт е дека бројот на гласовите е помал во однос на претходните, парламентарни избори минатата година. Но мора да се напомене и дека е далеку подобар резултат од претходните локални избори пред 4 години кога во прв круг освои 22 општини. Задоволство има и од огромната предност на нивниот кандидат за Скопје Орце Ѓорѓиевски, но за негова победа ќе се оди во втор круг каде ќе се соочи со кандидатот на Левица Амар Мециновиќ.
Расположението се чувствуваше меѓу членството кое беше во партискиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Мицкоски се обрати нешто пред полноќ во кое рече дека резултатите се триумф на народот. Посебно се осврна на односот на резултатите со СДСМ при што истакна дека победиле во првиот круг во некои општини кои беа бастиони на социјалдемократите. За ДУИ рече дека со нив темата е затворена, алудирајќи на нивните изјави дека овие избори се референдум за предвремени избори.
„Разликата е 2 спрема 1, некаде 3 спрема 1 некаде и многу поголема. Имаме победи во општини каде СДСМ имаше свои градоначалници. Победивме убедливо во првиот круг во Струмица. Што е најважно на овие избори е што политиките на етноцентризам, национализам и вештачки теми за орли и зајци и теми кои се небитни за граѓаните се поразени а се отвора прашањето за реформи во опозицијата“, рече Мицкоски.

СДСМ пак во првиот круг освои само три градоначалнички места, а уште попоразително е тоа што нивниот градоначалник за Скопје Каја Шукова заврши на четвртото место после Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ, Амар Мециновиќ од Левица и Башким Бакиу од ВЛЕН, а слична е состојбата и во Советот на Град Скопје каде се петти по број на советници. Претседателот на партијата Венко Филипче не криеше дека не е задоволен, но сепак се обиде да го ублажи поразот откако рече дека во некои општини имале зголемен број гласови од претходните избори.
„Социјалдемократскиот сојуз на Македонија победи во првиот круг победи во три општини, тоа се Крива Паланка, Кривогаштани и Богданци. Овој резултат мислам дека не е тој што го посакувавме сите, меѓутоа би рекол дека имајќи ги предвид околностите не е лош резултат, посебно што, не насекаде, меѓутоа во еден добар дел од општините навистина имаме зголемување на бројот на гласови кога ги споредуваме со ланската година и тоа е еден доказ на таа консолидација која што започна изминатите месеци, изминатата година во партијата“, рече Филипче.

И двајцата кандидат од ЗНАМ влегуваат во вториот круг. Максим Димитриевски ќе се соочи со независниот кандидат Горан Стојковски, додека Мирослав Лабудовиќ со актуелниот градоначалник на Центар Горан Герасимовски.
