ВМРО-ДПМНЕ сама ќе собира потписи – иницијативата вчера им ја врати Џафери

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иако претходно ја прифати идејата на претседателот на државата Стево Пендаровски за одложување на пописот до мај или јуни, премиерот Заев, сега вели дека пролонгирање на датумот нема да има никаков ефект. Одложување на пописот бара и ВМРО-ДПМНЕ, кои сметаат дека тој треба да се одржи идната година. Пописот е потребен на нашата држава, бидејќи 20 години немаме основни податоци и тој ќе се спроведе во април, дециден е Заев.

„Пописот е статистичка операција и таа мора да ја направиме, наша должност е да ја направиме. Пописот е од 1 до 21 април, како што е предвидено и тој треба да се заврши иако се испрати апел дали треба да се промени уште еднаш повторувам летото никаде не се прави попис, септември е кампања за избори, октомври се редовните локални избори. Ако одложуваме кога? До мај да одложуваме? Што ќе смени тоа?“, истакна Зоран Заев.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека власта сака да спроведе политички попис, а воедно откако собранискиот спикер Џафери му ја врати иницијативата за собирање потписи поради тоа што наместо Северна Македонија стоеше Република Македонија, најавија дека процедурата сами ќе ја спроведат.

„ВМРО-ДПМНЕ и покрај ваквите институционални пречки ќе ја започне иницијативата на собирање на потписи од сите граѓани, една натпартиска иницијатива каде што ќе може да се потпише секој оној граѓанин кој што се залага за фер европски и веродостоен попис и да се потпише секој граѓанин кој што е против ваков политички попис кој што води кон фалсификат“, посочи Антонио Милошоски.

ВМРО-ДПМНЕ најави дека од утре на пунктови по плоштади и пазари во градовите и во селата ќе почне да ги собира потребните 10 илјади потписи кои планира да ги достави директно до претседателот на Собранието Талат Џафери како предлог за поништување на Законот за попис.