ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ признава дека го прислушувала и следела Мицкоски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дали Мицкоски бил следен или биле следени групи со сомнителни активности со кои бил во контакт и комуницирал тогашниот претседател на опозициската ВМРО-ДПМНЕ? Ова прашање го постави претседателот на СДСМ Венко Филипче во денешното интервју за „Слободен печат“ кој рече дека тоа најдобро ќе се обелодени доколку се исполни нивното барање, односно што побрзо да се декласифицираат документите.

„Да видиме дали имало прекршување од било кој, од тогаш надлежните функционери поставени во времето на СДСМ. Па ако треба некој и да понесе одговорност. Меѓутоа едно специфично прашање дали со тие групи кои што биле пратени и биле обработувани согласно капацитетот и ингеренциите на Агенцијата за национална безбедност комуницирал и премиерот? И зошто комуницирал? Дали тој бил директно пратен или комуницирал со некои кои што биле пратени заради сомнителни активности.“, изјави Филипче.

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат и велат дека со ваквата изјава СДСМ признава дека го следеле и прислушувале Мицкоски.

„СДС се заплетка и призна дека го прислушувале и следеле претседателот Мицкоски, новинари и бизнисмени. СДСМ најпрво тврдеше дека не прислушувале, ниту следеле, за да сега ја свртат приказната за 180 степени и низ глупи тези да наметнуваат наратив за содржината на материјалите. СДС призна две работи. Прво, дека го следеле и прислушувале претседателот Мицкоски. Второ дека иако го следеле и прислушувале 5 години, не нашле ништо спорно ниту противзаконски“, изјави Петрушевски.

Бујар Османи од ДУИ пак вели дека на нивните членови од Коалицијата намерно не им се дава безбедносен сертификат за да не можат да ги вршат проверките.

„Мислам дека намерно не му се дава сертификат на претседателот на Комисијата со цел да нема состанок за да не може да се отвори ова прашање. Затоа најбрзо да се реши ова прашање, да се одржи состанокот, да се декласифицираат сите документи.“, рече Бујар Османи.

Деновиве имаше и меѓупартиски надмудрувања во насока на обезбедување седница на Комисијата за надзор над работата на АНБ. По закажувања па одложувања вчера доцна попладне од кабинетот на претседателот на Собранието Африм Гаши известија дека седница на Комисијата ќе има во среда а дека тогаш ќе има и посета на Агенцијата.