ВМРО-ДПМНЕ со обвинувања до Филипче за соработка со Виктор Стојанов

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, денеска упати серија обвинувања кон лидерот на СДСМ Венко Филипче, тврдејќи дека преку Рубин Земон соработува со Виктор Стојанов, кој, како што рече, е прогласен за персона нон грата во Македонија поради антимакедонски ставови.

„Специјалниот пратеник на Румен Радев, Венко Филипче, преку Рубин Земон е во директна соработка со Виктор Стојанов“, изјави Манасиевски на прес-конференција.

Тој посочи дека Стојанов јавно промовира ставови со кои се негираат македонскиот јазик, идентитет и националната посебност, како и тези дека Македонците и Бугарите се еден народ во две држави.

„Филипче е соработник со човек кој ја негира Македонија, идентитетот, јазикот, културата и историјата“, рече Манасиевски, додавајќи дека Стојанов бил означен како закана за националната безбедност и му е забранет влез во државата.

Од ВМРО-ДПМНЕ дополнително обвинија дека Филипче е „директен соработник на Бугарија во Македонија“, како и дека е единствениот политичар кој се залага за внесување на Бугарите во Уставот без гаранции дека тоа ќе биде последниот услов на патот кон Европската Унија.

„Венко Филипче со ваквиот однос кон Македонија си ја запечатува својата политичка кариера“, изјави Манасиевски.