„Внимателно да се управува со 6-те милијарди евра“ – Ефективната камата на британскиот кредит нема да биде под 5%

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Британскиот кредит од 6 милијарди евра не може да биде со пониска ефективна камата од 5 проценти. Ова се очекувањата на експертите кои ги искажаа во емисијата Бизнис 21. До сега нема детали околу условите и колку дополнително пари ќе враќаме за камати, освен изјавата на премиерот Мицкоски кој очекува каматата да е пониска од 4,5%, и таа на вицепремиерот Николоски околу 3,5%. Но, познавачите предупредуваат – кога ќе се соберат вкупните трошоци за кредитот, таа нема да е пониска од 5 проценти.

„На искористениот дел кој што ќе го земеме од таа кредитна рамка, ние ќе бидеме некаде со 5 до 5,5 посто, еве јас шпекулирам, до нивото на просечните каматни стапки“, вели Синиша Наумоски.

-На 6 милијарди евра, 5 проценти камата, на 10 години, некој грејс период, колку тоа би изнесувало?

Синиша Наумоски: Отприлика од 60 до 100 милиони евра, зависи, сега можам да шпекулирам.

Годишната камата таа би била?

„Не би можел сега бројки да кажам“.

Пласирањето на тие пари во Македонија носи ризик. Така да Македонија не е од рангот на Британија во ризичноста на примањето на странски средства и очигледно е дека таквиот ризик ќе биде додаден во пресметката на ефективната каматна стапка. За да формираме ефективна каматна стапка мислам дека нема да биде под 5 проценти. Сега кога велам, значи очекувам да биде нагоре“, вели Павле Гацов.

Експертите предупредуваат да бидеме внимателни со трошењето. Велат мора да создадеме додадена вредност, раст на БДП, за да можеме да ги враќаме парите. Предупредуваат да се внимава со јавниот долг на земјава кој сега е 57,7 проценти од БДП или должиме 9,6 милијарди евра.

„Рамката е огромна. Рамката која ние ја креираме сега е блиску до 45 проценти од вкупниот капацитет на БДП“, вели Синиша Наумоски.

Наумоски најави дека има информации дека ќе има уште вакви билатерални договори.