Внимавајте се снима! Полицијата со камери против кинење на казни за сообраќајни прекршоци

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Полицијата е решена да се справи со возачите кои не ги почитуваат сообраќајните правила најавувајќи силни контроли и казни. Оваа одлука доаѓа откако и покрај сите досега превземени мерки и активности, кај возачите и понатаму доминараат недисциплината и непочитувањето на правилата во сообраќајот. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски вели дека набргу ќе бидат превземени интервентни мерки за подобрување на безбедноста во сообраќајот, а ќе биде претставен и планот за засилени акциски контроли.

„Крајното решение е да инсталираме модерна технологија, да инсталираме камери кои што практично ќе бидат тие што ќе укажуваат на неправилностите во сообраќајот, да имаме еден затворен систем кој што нема да има влијание човечкиот фактор. Затоа што таму кај што нема влијание од човечки фактор имаме најдобри резултати, немаме селективност, имаме добра транспарентност“, рече Спасовски.

Од МВР најавија дека најстрого ќе бидат санкционирани особено собраќајните прекршоци кои се причина за собраќајни незгоди со тешки последици.

“Собраќајната полиција во Скопје и во Тетово веќе ќе започне со користење на боди камери на секој еден полицаец и на тој начин да имаме еден поинаков пристап и на граѓаните и на полицајците. Ваков пилот проект имавме во автопатската полиција. Таму веќе немаме ниту една поплака од кој било граѓанин, ниту пак од полицаец заради тоа што преку камерите, преку снимањето на сето тоа што се случува за време на контролата имаме целосен увид во состојбите и тоа е добро и за полициските службеници и е добро за граѓаните.“, вели Спасовски.

Освен на отворен пат, повеќе полиција ќе има и во населените места. Недисциплираноста и несовесноста во сообраќајот, во првите 6 месеци од 2020 година, одведоа 43 човечки животи, а околу 2.500 лица беа повредени, додека пак лани како последица на неодговорното учество во сообраќајот, животот го загубија 132 лица, а 5.164 лица беа повредени.