Во Албанија нема зголемување на цената на струјата за домаќинствата и малите бизниси

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Албанскиот вицепремиер Арбен Ахметај, по денешната владина седница, за медиумите изјави дека меѓу другите одлуки е и онаа со која нема зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата и малите бизниси.

На новинарско прашање дали покрај заштитата на домаќинствата и малите бизниси од зголемувањето на цената на електричната енергија, постои план за големиот бизнис, тој рече дека двете главни точки на владиниот план се непречено снабдување со електрична енергија и заштита на овие две категории, домаќинствата и малиот бизнис.

-Премиерот Еди Рама беше многу јасен во објавувањето на планот. Првата точка што е многу важна има врска со нормалното снабдување со електрична енергија на целата територија на земјата. Втората точка се однесува на цената на електричната енергија за домаќинствата и малите бизниси да остане непроменета. За останатите има реформа, што ќе продолжи како што е планирано. Ќе продолжиме да ги заштитуваме домаќинствата и малите бизниси од меѓународните проблеми со цената на електричната енергија, рече Ахметај.

Посочи дека владата работи за да гарантира снабдување со „електрична енергија 24 часа на ден, 7 дена во неделата, иако снабдувањето во светот е проблематично“.