Во американскиот Пермски басен откриени десетина „суперемитери“ на метан

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Околу 30 нафтени и гасни инсталации од американскиот басен Перм, во Тексас и Ново Мексико, веќе три години испуштаат зголемени количества метан, создавајќи загадување еднакво на тоа од половина милион автомобили, се наведува во денеска објавен извештај на Фондот за заштита на животната средина и истражувачката група Carbon Mapper.

„Суперемитерите“,  како што ги нарекуваат во извештајот од истражувањето, се наоѓаат во најпродуктивното нафтено поле во САД. Тие сочинуваат само 0,001 отсто од инфраструктурата за нафта и гас во Пермскиот басен, но испуштаат околу 100.000 тони метан годишно.

Ова значи дека со спречување на истекувањето, компаниите ќе имаат моментална можност да помогнат во исполнување на американските и меѓународните цели за намалување на метанот и да заштедат околу 26 милиони долари вреден природен гас, се додава во извештајот.

Извештајот покажа дека големи извори на емисии се преплетуваат во разновидната инфраструктура и оператори со нафта и гас во Пермскиот басен.

Метанот е втората најголема причина за климатските промени по јаглерод диоксидот. Има голем потенцијал за задржување на топлина и релативно краток животен век во атмосферата, што значи дека намалувањето на неговите емисии би можело да има огромно влијание врз траекторијата на климата во светот.