Во Белград два протеста, претпладне еколошки, вечерва протест против вчерашното насилство на властите

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Во Белград денеска има два протести, едниот еколошки протест против загадениот воздух и вечерва втор протест на граѓаните поради „насилството на режимот“ од вчерашните протести ширум Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

Еколошкиот протест организиран од здружението „Еко стража“ почна напладне во Белград кај Теразијска чешма, а по протестната прошетка заврши нешто по 14 часот. Во центарот на главниот град се собраа претежно млади луѓе, многумина со деца, кои со свирежи протестираат против загадувањето на воздухот и животната средина. Говорниците посочуваа податоци за загаденоста на српските градови и за бројот на болести предизвикани од загадувањето.

Во Белград на Плоштадот на Републиката вечерва во 18 часот започна и протестот против режимското насилство кон граѓаните кои вчера го блокираа сообраќајот низ Србија.Тој е во организација на движењето Да не го давиме Белград, Еколошкото востание, Отворената платформа „Акција“, а протест го поддржа и Зоран Лутовац, претседателот на Демократската партија. Присутни се неколку униформирани полицајци и илјадници граѓани.

Добрица Веселиновиќ од движењето Да не го давиме Белград, изјави дека по вчерашното насилство кога маскирани хулигани со багер ги нападнаа насобраните граѓани во Шабац, тие денеска се собраа во Белград да им кажат на луѓето што навистина се случило во Шабац.

-Тука сме луѓето да разберат дека Српската напредна странка (СНС) ја злоупотребила државата за да им овозможи на хулиганите да прават што сакаат. Во Шабац беа приведени уште некои луѓе и ние ќе им помогнеме на секој начин. Бараме да бидат ослободени, а оние кои се навистина хулигани да бидат уапсени, изјави Веселиновиќ од движењето „Да не го давиме Белград“. Тој изјави дека ќе ја поддржи следната блокада во сабота, а ги повика граѓаните на протест утре во Лозница.

По обраќањето на говорниците на Плоштадот на Републиката, граѓаните тргнаа со протестна прошетка кон РТС каде ќе побараат нивните барања да бидат прочитани на РТС.

Синоќа, 48 часовен притвор доби Драган Миловановиќ Црни, демонстрант кој на вчерашната блокада на клучните патишта во знак на протест против донесувањето на законот за експропријација на земјиштето и законот за референдум го спречи возачот на багерот со членови на владеачката СНС да влезе во групата насобрани граѓани.

По повод вчерашните настани, поглаварот на Српската православна црква Порфириј упати апел во кој од сите граѓани побара мир и меѓусебно почитување.

Во реакцијата на вчерашните протести претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека луѓето кои ги блокираа патиштата „го прекршиле Уставот со загрозување на слободата на движење на другите луѓе“, но дека полицијата не интервенирала.

-Се фалат кога собираат 3.000 луѓе, да се соберат и 5.000, ќе се сложите, не е баш Бог за што. Газела беше блокирана од 50 луѓе од едната страна, 70 од другата страна, а во овој град живеат два милиони луѓе, изјави срспкиот претседател.