Повторно најава за бескомпромисна борба против корупцијата. Министерот за надворешни работи Бујар Османи уверува дека во претстојните години тоа ќе биде во фокусот на власта, бидејќи како што истакна зад тоа стојат и Соединетите Американски Држави со своја помош, но и поради обврските кон Европската унија.
„Сега веќе имаме два инструмента големи за следење на антикорупциските политики. Едно е скринингот и преговорите со Европската унија, еве сега се води билатерален скрининг за Поглавје 23 и 24 кои што токму е фокусот на тие антикорупциски политики и ги имате Соединетите Американски Држави преку Стратешкиот дијалог и нивните инструменти. Дали се тоа механизмите на внесување во црни листи, како што се случуваше во регионот или други јавни именувања.“, вели Османи.
Ваквите пораки на Османи доаѓаат откако деновиве амбасадорката на Соединетите Американски Држави во земјава Анџела Агелер директно ја посочи корупцијата во земјава како една од најголемите проблеми за развојот на земјава. Заменик помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Балкан Габриел Ескобар најави дека се предвидуваат санкции за корумпирани официјални лица од Балканот кои ќе бидат тргнати од одговорните позиции. Османи признава дека сме длабоко корумпирана земја, но дека сега сериозно ќе се зафатиме со овој проблем, откако, како што вели сме ги надминале големите проблеми.
„Апсолутно не негирам дека Република Северна Македонија има сериозен проблем со корупцијата на сите нивоа. Не само на политичко. Во сите можни општествени сектори каде што граѓаните бараат услуги од државата на било кое ниво. Сакам да кажам дека овој фокус што го ставаме сега заеднички со нашите партнери со САД и Европската унија е и резултат на тоа што големите прашања ги надминавме кои што не дефокусираа токму од оваа политика на борба против корупцијата.“, рече Османи.
Годинава Македонија е рангирана на 87-то место на листата на Индексот за перцепцијата на корупцијата на меѓународната организација Транспаренси.
