Во Дебар пристигнаа 88 вакцини против Ковид-19

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Попладнево во Општата болница со проширена дејност во Дебар, пристигна 88 дози од вакцината „АстраЗенека“ против Ковид-19, потврди за МИА, директорот Баки Алили.

– Ова е првата пратка од ковид вакцините. Тие се чуваат во соодветни фрижидери кои ја одржуваат препорачаната температура а имунизацијата ќе почне в петок, во службата за вакцинација при нашата болница. Имаме соодветно обучен тим, кој веќе ги има примено двете дози вакцина, додава Алили.

Овој пат ќе бидат опфатени лица повозрасни од 75 години, кои веќе се пријавиле преку електронски пат или нивните матични лекари.

Алили исто така информираше за бројот на пациентите кои се третираат во ковид центарот при инфективното одделение во болницата.

– Болнички се лекуваат шест пациенти, сите на кислородна поддршка, амбулантски се третираат десет пациенти, колку што дневно во просек доаѓаат и на контрола. Од неодамна имаме зголемен број на новозаразени иако состојбата не е алармантна како во други делови во државава. Сепак апелирам до сите строго да ги почитуваат пропишаните анти-ковид мерки и протоколи, порачува Алили.

Во двете општини, Дебар и Центар Жупа, до сега регистрирани се 848 случаи со Ковид-19, починале 38 додека активни на болеста се 44 лица.