Првпат во Кичево започна да функционира паркинг со наплата. Опфатени се три најфреквентни зони во градот со различни цени: Зона А – 30 денари, Зона Б – 20 денари и Зона Ц – 10 денари за еден час. Паркинг со наплата има и на градскиот булевар и од болницата до зелениот пазар. Покрај еднократен паркинг билет, ќе има можност и за месечно и годишно плаќање за оние кои постојано се во градот или на работа.
–Ќе има месечна тарифа, месечните тарифи се 1800 денари за Зона А, 1300 денари за Зона Б и 800 денари за Зона Ц. Годишната тарифа е 18 илјади денари за Зона А, 12 илјади денари за Зона Б и 8 илјади денари за Зона Ц, изјави Зенел Јонузи, директор на ЈКП „Комуналец“ Кичево.
Ќе има и попусти за жителите кои што живеат во зоните каде што се плаќа паркинг и за вработените.
Во врска со начинот на плаќање, до ТВ21 пристигнаа многу прашања од иселеници кои доаѓаат на одмор. Повеќето од нив велат дека немаат македонски телефонски броеви, а без тоа не можат да платат преку СМС порака. Директорот Јонузи уверува дека и ова е земено предвид.
-Плаќањето може да се направи преку бројот што ни е доделен 144144 преку СМС порака, потоа на информативната табла има и QR код кој води до нашата веб-страница за паркинзи. Друг начин е преку контролорот на терен, кој ќе има можност за наплата и со фискална. Но, јас би им препорачал на иселениците да направат месечна уплата за трите зони – 1800 денари, изјави Зенел Јонузи, директор на ЈКП „Комуналец“ Кичево.
Месечната уплата се врши во канцелариите на ЈКП „Комуналец“, а што се однесува до казните за оние кои ќе бидат затекнати дека не платиле паркинг, почнуваат од 600 денари, па нагоре.
-Казната е 600 денари, треба да се плати во рок од 7 дена, а ако не се плати казната преминува на 1000 денари. Ако и тогаш не се плати, со компензација на средствата се занимава извршителот, изјави Зенел Јонузи, директор на ЈКП „Комуналец“ Кичево.
Постои и апликација на „App Store“ за плаќање со картичка. Наплатата важи од 7 до 22 часот, од понеделник до петок. По 22 часот е бесплатно. Во сабота е бесплатно по 16 часот, а исто така и во недела и за време на државни празници.