Во голем пожар во Малезија уништени 1000 домови

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Илјадници луѓе се раселени откако пожар уништи околу 1.000 домови во крајбрежно село на островот Борнео, во малезиската држава Сабах, соопшти денес локалната противпожарна служба.

Шефот на противпожарната служба Џими Лагунг изјави дека биле известени за пожарот во округот Сандакан, но дека силните ветрови и малото растојание меѓу куќите предизвикале пожарот брзо да се прошири, објави Ројтерс.

Тој додаде дека друга отежнувачка околност била ниската плима, што значело дека пожарникарите немале отворен извор на вода.

Пожарот избувнал во едно од селата, каде што куќите се направени од дрво и каде што живеат некои од најсиромашните заедници во земјата, вклучувајќи бројни домородни групи.

Повеќе од 9.000 локални жители се погодени од пожарот, иако нема извештаи за жртви, соопшти полицијата во округот Сандакан.

Малезискиот премиер Анвар Ибрахим изјави дека федералната влада ги координира напорите со локалните власти за да им обезбеди помош и привремено сместување на погодените.

„Приоритет сега е безбедноста на погодените од пожарот и итно обезбедување помош на терен“, напиша премиерот во објава на Фејсбук.