Состојбата во Полошкиот регион е доста сериозна, со 495 заразени со Ковид-19, од кои 302 во Тетово и околина и 193 во Гостивар и околните општини. Кризниот штаб на о.Гостивар, денеска излезе со неколку заклучоци. Од една страна велат дека институциите треба да ја сфатат состојбата посериозно, а од друга, пак, дека нема потреба од карантин и полициски час.
„Состојбата во Маврово, Гостивар и Врапчиште е доста сериозна кога станува збор за активните случаи. Има 193 од кои 145 во Гостивар, 42 во општина Врапчиште и 6 во општина Маврово. Вториот заклучок е – сите институции да ги повикаат граѓаните да ја сфатат оваа ситуација сериозно, придржувајќи им се на сите прописи, особено носење маски, ракавици и држење дистанца“, истакна Ваљбон Лимани.
Во Тетово денеска се регистрирани 4 нови случаи на коронавирус, од кои три во Тетово и еден во општина Теарце. Кризниот штаб на Тетово од 29-ти јуни нема заседавано ниту еднаш, што може да се види и на веб-страницата на општината и на градоначалничката Теута Арифи. Со почетокот на изборната кампања, штабот престана да функционира.
