Во израелското бомбардирање загинаа 85 Палестинци

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во израелските воздушни напади денеска и синоќа загинаа најмалку 85 Палестинци низ Појасот Газа, соопштија здравствените власти.

Во текот на ноќта во бомбардирањето беа погодени неколку домови, а меѓу загинатите има и жени и деца.

Нема информации дека палестинското движење Хамас во Газа воено одговорило на нападите.

Неколку часа подоцна, израелската армија ја обнови блокадата на северот на Газа, која ја одржуваше во поголемиот дел од војната.

Жителите беа предупредени да не го користат главниот автопат за влез или излез од северна Газа, а израелската војска соопшти дека ќе биде дозволен само премин кон југ по крајбрежниот пат.

Копнена операција беше најавена и во северниот дел на Газа во близина на градот Беит Лахија, каде во последните 24 часа во нападите загинаа десетици луѓе.

Стотици илјади Палестинци се вратија во урнатините на своите домови во северниот дел на Газа по прекинот на огнот во јануари.

Израел вчера продолжи да ја бомбардира Газа, кршејќи го примирјето што овозможи ослободување на повеќе од дваесет заложници.

Израел го обвини Хамас за продолжување на војната бидејќи го отфрли новиот предлог за прекин на огнот.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, која ја презеде заслугата што помогна да се постигне примирје меѓу Израел и Хамас, ја изрази својата целосна поддршка за Израел.

Израел, кој ја прекина храната, горивото и хуманитарната помош за Газа за два милиони Палестинци, вети дека ќе ги засили нападите додека Хамас не ги ослободи 59-те заложници што се уште ги држи – од кои 35 се верува дека се мртви – и не се откаже од контролата на територијата.

Хамас рече дека ќе ги ослободи преостанатите заложници само во замена за траен прекин на огнот и целосно израелско повлекување од Газа, како што се бара во договорот за прекин на огнот што го постигнаа во јануари.

Хамас, кој не го прифаќа постоењето на Израел, вели дека е подготвен да ја предаде власта на Палестинската управа поддржана од Западот или на комитет на политички независни, но нема да го остави оружјето додека Израел не ја прекине својата децениска окупација на териториите кои Палестинците ги сакаат за нивната идна држава.