Во Кичево гласаа заразените со Ковид-19 – две лица одбија да гласаат, едно е хоспитализирано

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од 9 часот наутро, здравствените екипи и членовите на општинскиот одбор во Кичево се подготвуваа да излезат на терен за да им овозможат на заразените лица со Ковид-19 и тие кои се во изолација да гласаат.

Лекарот Бесим Зеќири рече дека преземени се сите потребни мерки за минимизирање на ризикот.

„Ги преземавме сите заштитни мерки и сега ќе одиме за да ги посетиме семејствата кои се во изолација и заразените лица со цел да го реализираат правото на глас.  Се обидовме да го минимизираме ризикот со преземање на заштитни мерки, таму ќе се почитува дистанца, ќе користиме средства за дезинфекција, заштитни маски, скафандери и сите други мерки кои се предвидени за заштита“, истакна Бесим Зеќири.

Ја земаа гласачката кутија и се упатија на терен.

Откако пристигнаа, тие најпрво на лицата што гласаа им ги дезинфицираа рацете и им побараа лична карта. Им го проверија прстот со УВ ламба и потоа им го испрскаа прстот со спреј. По гласањето, гласачкото ливче се става најпрво во плик а потоа во кутија и повторно се дезинфицираа лицата кои гласаа.

Лекарската екипа и членовите на Комисијата по напуштање на домовите на гласачите, ја соблекуваа заштитната униформа, се дезинфицираа и облекуваа  нова заштитна униформа и опрема.

Имаше и такви лица кои се пријавиле за гласање, но откако ја виделе лекарската екипата од Комисијата облечени во заштитна униформа, одбиле да гласаат. Според нив немало потреба за такви мерки.

Претседателката на Општинската комисија во Кичево Антигона Сефери рече дека гласачкиот процес се одвивал без пречки.

„Изборниот процес за лицата во изолација и заразените со Ковид-19 заврши во 11:30 часот и се одвиваше без проблеми. Вкупно се пријавија 35 лица, од кои 2 одбија да гласаат а еден беше хоспитализиран“, посочи Антигона Сефери.

Утре ќе гласаат болните и изнемоштените лица. Во Кичево за утрешното гласање се пријавиле 483 лица.