Во Кичево на полноќ се гасат светлата, градот во темница – Дехари: Имаме рестрикции на осветлувањето поради енергетската криза

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во Кичево на полноќ се гасат светлата. Градот е во целосна темница, кога на полноќ ќе дојде до прекин на јавното осветлување. Градоначалникот Фатмир Дехари, вели дека како резултат на светската криза со електрична енергија, донеле одлука за воведување рестрикции. Како што објаснува, јавното осветлување во Кичево почнува во 17:30 и трае до 23 во селата, а во градот до полноќ. Но, на снимките на ТВ21 јасно може да се види дека и по 17:30 има населби и села кои се без осветлување.

„Во споредба со претходната година, во декември јавното осветлување беше трипати поскапо и се очекува сметката за јануари-февруари која ќе стигне за 10-тина дена да биде дури до шестпати повисока. Согласно овој тренд значи дека до месец јуни општината ќе „потоне“ во долгови и нема да може да ги реализира приоритетите на месните заедници, главните барања кои ги предвидовме во Буџетот на општината. По ова известување, сите се договоривме да почнеме да делуваме рационално, односно да го ставиме во прекин јавното осветлување во одреден период“, истакна Фатмир Дехари.

Дехари се осврна и на фактот што граѓаните плаќаат по 185 денари за јавно осветлување. Вели дека овој данок не е зголемен и покрај поскапувањето на електричната енергија.

„Слушам гласини дека плаќаат данок кон општината. Да, тоа е факт, но доколку направиме споредба меѓу поскапувањето на електричната енергија, зголемувањето на сметките за јавно осветлување и данокот на граѓаните, тогаш ќе видиме дека ние не злоупотребуваме на ниту еден начин. Владата на РСМ не го зголеми данокот согласно поскапувањето на електричната енергија за да ги покрие трошоците, поради тоа ние правиме ваков вид прекин“, додава Фатмир Дехари.

Во општина Кичево во процес на реализација е проектот „Smart light” осветлување или паметно осветлување, кој се очекува да има економично влијание врз буџетот на граѓаните.