Во Коњаре нема да се ископува песок, Бектеши предлага да се раскине концесијата на компанијата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за економија, Крешник Бектеши побара од Владата да ja раскине концесијата за ископ на песок и чакал во селото Коњаре. Како што вели, на владината седница што ќе се одржи во вторник ќе биде усвоен и oвој предлог од страна на ресорното министерство.

-Во текот на вчерашниот ден, Инспекторатот за животна средина го достави извештајот преку кој предлага раскинување на договорот со актуелниот концесионер во Коњаре. Министерството за економија, односно јас како министер во текот на денот ја потпишав и Предлог-одлука за едностран раскин на договорот од страна на Владата и Министерството за економија.-рече Бектеши.

Во Извештајот изготвен од инспекторите за животна средина и земјоделство, пишува дека концесионерот не се придржувал кон решенијата и мерките во однос на заштитата на животната средина утврдени со прописите од областа на животната средина.

-Концесионерот не се придржувал кон решенијата и мерките во однос на заштитата на животната средина утврдени со прописите од областа на животната средина, односно експлоатацијата на минералната суровина е вршена надвор од крајбрежниот појас во широчина од 50 метри зад линијата на допирање на педесетгодишната вода кај нерегулираниот водотек на реката Пчиња”.

Ископот на песок во Средно Коњаре почна во 2018 година, поради што мештаните почнаа да организираат протести со цел спречување на експлоатацијата на песок од реката и уништување на природата. Од компанијата – концесионер, велат дека ги поседуваат сите документи и дека не направиле никакво прекршување.