Денеска во Косово е ден на жалост поради убиениот полицаец во неделата во раните утрински часови. Одлуката ја донесе претседателката Вјоса Османи.
„Претседателката на Република Косово, Вјоса Османи во согласност со Уставот на Косово, одлучи понеделник 25. септември 2023 година да биде прогласен за национален ден на жалост во чест на полицаецот Африм Буњаку, убиен на северот на Косово“, наведуваат од кабинетот на Османи.
Инцидентот во Бањска почна во неделата наутро нешто пред 3 часот. Во ова село од заседа е убиен наредник на полицијата на Косово, а двајца полицајци се повредени. Во размена на оган која се случила во текот на вчерашниот ден, ранет е уште еден припадник на косовската полиција, а од другата страна убиени се најмалку три напаѓачи, уапсени уште четири лица кои се доведуваат во врска со нив.
Во Приштина синоќа се палеа свеќи за убиениот припадник на полицијата Буњаку, кој зад себе оставил три деца.
Српскиот претседател Александар Вучиќ го осуди убиството, но испрати критики кон косовскиот премиер Албин Курти, косовската полиција и меѓународната заедница за вчерашните случувања.
