Во „Козле“ 21 дете позитивно на коронавирус – вакцините за децата за две недели на располагање во ЕУ-земјите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вакцинацијата против Ковид кај децата на возраст од 5 до 11 години во ЕУ ќе почне за две недели, изјави претседателската на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која додава дека вакцините за деца од производителот „Фајзер/Биотек“ ќе бидат на располагање во ЕУ од 13 декември. Европската агенција за лекови ја одобри вакцинацијата на децата од 5 до 11 години со вакцини од компанијата „Фајзер“.

„Разговарав со Фајзер/Бионтек за вакцините за децата и во овој правец од вчера имаме добри вести и тие се подготвени да го забрзаат производството. Со други зборови, вакцините за децата ќе бидат достапни од 13 декември“, истакна Урсула Фон Дер Лајен.

ТВ21 праша во Министерството за здравство – кога вакцината за децата ќе пристигне кај нас, но не добивме одговор. Инаку, ковид состојбата кај децата во земјава е стабилна, вели директорот на институтот „Козле“. Тој рече дека бројот на хоспитализирани деца е константен и дека нема некаков драстичен пораст. Во болницата се лекуваат 21 дете, од кои три се на кислородна поддршка.

„Во нашата болница на Институтот „Козле“ имаме околу 21 дете. Најмладите се две девојчиња близначки кои имаат околу еден месец. 90% од пациентите се на возраст од 9 до 17 години, а од 0 до 8 години има четири деца. Генерално се во добра здравствена состојба, освен тројца пациенти кои се на кислородна терапија“, истакна Бесник Зеќири.

Според Извештајот на Институтот за јавно здравје за последната недела, во однос на возрасната група од 0 до 9 години за период од една недела се регистрирани 119 позитивни случаи, што е пораст за 14%. Досега во нашата земја се вакцинирани 5.371 дете на возраст од 12 до 18 години.