Како одговор на силната бура што го погоди Загреб и делови од Хрватска, премиерот Андреј Пленковиќ апелираше до граѓаните да ги следат упатствата.
„Апелирам до сите да ги почитуваат упатствата. Ќе му помогнеме на Градот да ја санира штетата, како и секогаш. Има голема штета. За среќа, никој не е повреден, нема жртви. Благодарност до сите што помагаат да се ублажат штетите“, рече Пленковиќ.
Силна и опасна бура ја погоди речиси цела Хрватска , со силни ветрови што дуваат со брзина до 120 км/ч, уништувајќи сè на својот пат.
Бројни згради во Загреб се оштетени, а неколку лица се повредени , од кои едно потешко, изјави претходно денес градоначалникот Томислав Томашевиќ.
Бурата предизвика огромна штета во самиот Загреб , вклучително и на градските гробишта Мирогој. Десетици дрвја беа искорнати.
Поради исклучително тешките услови, влажниот снег и силните ветрови кои сè уште ги уриваат дрвјата, престојот во Медведница и зелените површини на градот Загреб и работата на отворено претставуваат сериозен ризик по животот, предупредија Хрватски шуми.
Невремето оштети 40 основни и средни училишта, како и 24 градинки, а наставата беше откажана денес во Загреб и Загрепската жупанија поради безбедноста на учениците, објави Томашевиќ.
