Министерството за јавна администрација во моментов не подготвува закон што би го заменил балансерот. Министерот Горан Минчев информира дека евентуално во иднина би се подготвувал ваков Закон, но тоа пред се ќе зависи од одлуката на Уставниот суд. Од коалицијата Вреди претходно истакнаа дека тие подготуваат Закон за правична застапеност, но според министерот Горан Минчев во јавноста се даваат различни изјави.
„Во изјавите на претседателите на политичките партии, кои се дел од коалицијата ВРЕДИ, постои разногласие во нивните ставови. Едни велат дека ВРЕДИ подготвува нов Закон за правична застапеност на етничките заедници, но пак други велат дека треба да започне дијалогот во рамки на владината коалиција за евентуално ново законско решение“, изјави Горан Минчев, министер за јавна администрација.
Министерот Минчев вели дека се почитува времената мерка на Уставниот суд, со која се „замрзна“ употребата на балансерот до нивната конечна одлука. Сепак, додава министерот, добро е што ВРЕДИ размислува за негова замена.
„Во суштина ме радува фактот што и во коалицијата ВРЕДИ созреа мислењето кое многу пати досега го кажував, дека балансерот како дигитална алатка предвидена за правичната застапеност на етничките заедници, во минатото бил предмет на манипулации и злоупотреби“, изјави Горан Минчев, министер за јавна администрација.
Неодамна првиот вицепремиер Изет Меџити кажа дека постои договор на ниво на Влада.
„Имаме политички договор тоа да се среди со Закон за правична застапеност“, изјави првиот вицепремиер Изет Меџити.
Последно, претставници на „Вреди“ истакнаа дека тие имаат подготвен предлог-текст и за него ќе започнат широки дискусии наредната недела.
