Шефот на парламентарната група на ДУИ, Арбр Адеми, тврди дека од комуникацијата која што ја има во Собрание со пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, неколкумина од нив се со прозападна ориентација, што остава простор да се подразбере дека можна е поддршка за уставните измени.
Дали има пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои имаат про-западна ориентација?
Има, целта е сите партии без проблем да бидат „on board“ за да се изгласат уставните измени кои не и носат никаква штета на граѓаните. Јас не гледам дека има некаква штета. Кажете ми….доколку се вметнат Бугарите, Хрватите , Французите, Црногорците, Евреите, Египетците…
Не велам јас туку ВМРО-ДПМНЕ и додека тие имаат…
Ниту ВМРО-ДПМНЕ не вели!
Што тоа?
Ниту ВМРО-ДПМНЕ не вели, се сеќавате на средбата на двајцата лидери, по средбата не се зборуваше веќе за бугарски диктат, ниту за бугаризам во нашето општество.
Адеми не кажа со целосно убедување дека уставните измени ќе се направат. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, е уверен дека Владата нема 2/3 за потребните гласови. Го повика претседателот на Собранието, Талат Џафери, дека нема потреба да се чека до 18 август, туку седницата за уставни измени да ја закаже сега веднаш на 26 јули.
На 25 јули во Собранието е закажана седницата на Комисијата за уставни прашања на која ќе се расправа и гласа за предлогот за уставни измени. Парламентарното мнозинство е на ставот дека треба да се продолжи евроатланскиот пат на државата, а ВМРО-ДПМНЕ и понатаму остро се спротивставува, тврдејќи дека Уставот се менува по бугарски диктат. Владата уверува дека во содржината на нацртот за уставни измени нема бугарски диктат.
