Волонтерите на ЕВН со голема акција за пошумување на делчевскиот Браниград

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

ЕВН Македонија донираше вкупно 6000 садници од дрвниот вид „Црн бор – Pinus Nigra“ со цел пошумување на опожарените подрачја на делчевскиот регион. Дополнително, во рамки на програмата „ЕВН Волонтира“, од страна на вработени од ЕВН се спроведе и волонтерска акција за пошумување на површина од 3 хектари на опожарениот локалитет Браниград во близина на селото Стар Истевник. Групата од 33 волонтери во текот на вчерашниот ден успеаја да ги посадат сите садници од вкупната донација со поддршка од Јавното претпријатие „Национални шуми“.

На оваа волонтерска акција учествуваше и менаџментот на ЕВН Македонија и Електродистрибуција кои заедно порачаа: „ЕВН во сите свои активности ги втемелува принципите на општествена одговорност и се стреми за подобрување на квалитетот на животот. Со оваа акција долгорочно придонесуваме во здравјето на граѓаните и идните генерации.“

Во текот на последните пет години, преку проектот „ЕВН Волонтира“ вработените успеаја да ја зголемат свеста кај поединци и компании дека сите луѓе имаат посебни квалификации и способности кои може да ги искористат за доброто на заедницата.

Програмата „ЕВН Волонтира“ официјално започна во јули 2017г. До сега, 600 вработени реализирале 53 акции во големи и мали групи. Волонтерите ги посветуваат работните часови во унапредување на квалитетот на живот низ различни локации во земјата. Програмата овозможува целосна поддршка на вработените при реализација на активностите, односно од осмислување до целосно спроведување на идејата.