Вонредни избори за нов претседател на Иран на 28 јуни

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вонредните избори за претседател на Иран, по смртта на Ебрахим Раиси во хеликоптерска несреќа, ќе се одржат на 28 јуни, објави иранската новинска агенција ИРНА.

Според Би-Би-Си, според иранскиот устав, по смртта на актуелниот претседател изборите требало да се одржат во рок од 50 дена.

До крајот на изборите должностите на претседателот ќе ги извршува досегашниот прв потпретседател на Иран, Мохамад Мохбер.

Утре, Иран ќе организира погребни поворки за Раиси и министерот за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан во неколку градови, вклучително и Табриз, Ком и Техеран, каде што се очекува врховниот верски водач на Иран ајатолахот Али Хамнеи да ја предводи погребната молитва за Раиси, јавува Анадолија.

Тој ќе биде погребан, како што беше планирано, во неговиот роден град Машхад во четврток во светилиштето на Имам Реза.

Хамнеи прогласи петдневна национална жалост поради смртта на Раиси. Покрај него и шефот на дипломатијата, во хеликоптерската несреќа загинаа уште шест лица.

Раиси, осмиот претседател на Иран по Исламската револуција во 1979 година, служеше неколку години како чувар на светилиштето Имам Реза, пред да стане прв човек на судството во 2019 година и претседател во 2021 година.