Вооружени лица киднапираа 25 ученички од интернат во Нигерија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вооружени напаѓачи киднапирале 25 ученички од интернат во северозападна Нигерија, потврди полицијата. Еден член на персоналот е убиен, а друг е повреден во нападот, кој се случил рано утрово, јавува Скај њуз.

Нападот се случил во 4 часот наутро по локално време во интернатот во Мага, државата Кеби. Портпаролот на полицијата, Нафиу Абубакар Котаркоши, изјави дека напаѓачите биле вооружени со „софистицирано оружје“ и размениле оган со чуварите пред да ги земат девојчињата. Тој додаде дека полициските екипи ги пребаруваат сомнителните патишта за бегство и околните шуми во потрага по киднапираните ученички и сторителите.

Чести напади врз училишта

Инцидентот е последен во низата киднапирања на ученици во северниот регион на Нигерија, каде што вооружени групи ги напаѓаат децата повеќе од една деценија. Сепак, оваа година се забележува зголемување на нападите од страна на разни вооружени групи. Најозлогласениот случај се случил во 2014 година, кога милитантната група Боко Харам киднапирала 276 ученички од средно училиште во Чибок, а судбината на многу од нив е сè уште непозната денес.

Досега ниту една група не ја презеде одговорноста за најновото киднапирање.