Приватните превозници и натаму спијат во автобусите. Еден од нив зборува за тешката финансиска и емоционална состојба во која се наоѓаат.
В.д. претседателот на АА, Арбен Таравари дојде во Скопје за да се сретне со нив и да ги сослуша возачите на приватните автобуси. Во разговор со нивните претставници, оцени дека градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска треба барем да одржи средба со нив.
„Јас мислам дека однесувањето е многу некоректно од страна на градоначалничката на Град Скопје, таа треба да комуницира, да седне со нив и да се најде решение. Доколку има одговорност од нејзина страна јас мислам дека имаат право за барањата, евентуално да и се одземат надлежностите и Владата да ја преземе оваа работа понатаму“, вели Таравари.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи не поддржува одземање на надлежностите на Град Скопје. Вели дека тоа би значело враќање за 20 години, бидејќи, како што рече, Град Скопје треба да го реши проблемот.
Претставниците на приватните превозници се надеваат во Владата за решавање на проблемот. Бараат од премиерот да најде решение за овој проблем.
Возачите на приватните автобуси велат дека продолжуваат со протестот до исплаќање на долгот кон нив. Освен тоа велат дека протестот можно е да го радикализираат повторно на раскрсниците на Скопје.
