Виновник за страшната автобуска несреќа во која животот го изгубија 10 косовски државјани, се чини дека е возачот за кого се сомнева дека задремал зад воланот. Тој е приведен веднаш на местото на настанот и се преземаат доказни мерки за поведување на кривична постапка. Според заменик-општинскиот обвинител Славко Прањиќ, самиот возач признал дека заспал за момент.
-Дали се точни наводите дека возачот заспал?
-Според информациите кои ги имам од полицијата која беше на местото на настанот, тврдењата на возачот се такви, но останува да се потврдат-вели Прањиќ.
И албанската пратеничка во Хрватска, Ермина Лекај Прљаскај добила сознанија дека возачот на автобусот задремал.
-Сега за сега имам информација дека шоферот заспал. Меѓутоа кога ќе отидам на местото на настанот верувам дека ќе добијам точни информации од заменик-министерот за внатрешни работи-рече Прљаскај.
Автобусот кој излета од патот во Хрватска е на косовската компанија „Дева Турс“. Од компанијата, за косовските медиуми изјавија дека го чекаат полицискиот извештај.
-Да, наш автобус доживеа сообраќајна несреќа. Многу сме вознемирени. Сѐ уште не ги знаеме причините како дошло до несреќата. Го чекаме полицискиот извештај-изјавија од компанијата.
Автобусот кој сообраќал на релација Франкфурт-Приштина денеска излета од коловоз во Славонски Брод, Хрватска, а како последица на трагедијата животот го загубија 10 патници.
