Опожарениот автомобил на Артан Груби беше дел од пратеничките прашања. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки сите три прашања ги постави на оваа тема. Побара од јавниот обвинител Љубомир Јовески да одговори дали е покрената истрага за овој случај, особено за тоа дали има корупција во подарувањето на возилото на Груби од лице кое потоа купило хотел за 55 илјади евра, притоа дополнително го праша и дали ќе си поднесе оставка.
„Дали покренавте истрага за случајот на опожареното возило и побаравте целосно расветлување на случајот имајќи во предвид дека казната со која може да се соочи со казна затвор од 6 месеци па до неколку години. Второто прашање за Љубомир, еден процент доверба, Јовески е, нели ви е доста симптоматично и нејасно што лицето Б.Л. кој купи хотел на Попова Шапка за 55 илјади евра неколку месеци подоцна му дава на користење возило на Груби кое што чини 80 илјади евра?“, вели Драган Ковачки.
Јавниот обвинител Љубомир Јовески случајот го нарече незгода и рече дека обвинителството уште истиот ден излегло на местото на настанот и изврши увид и дека немаат конкретно лице за да покренат обвинение. За барањето оставка рече дека такво задоволство нема да му овозможи и дека тој е задоволен од работата на обвинителството.
„Истрагата се покренува против конкретно лице, кога ќе бидат собрани доволно податоци во однос на кривичното дело и во однос на евентуален сторител на кривично дело тогаш Обвинителството ќе отвори соодветна истрага. Не само во врска со опожареното возило, туку Обвинителството прибира податоци и во овој случај што го спомнавте во делот на купувањето на хотелот“, посочи Љубомир Јовески.
Ковачки упати прашање и до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дали му е познато дека ова возило имало полициски флешери и дали ќе преземат нешто во врска со ова.
„Вие како министер треба да знаете дека таква опрема има само во полициските возила и во одреден дел на други државни институции. Сакам да прашам уште колку вакви автомобили има низ Република Македонија кои што дивеат по улиците, дали истите се користат за спроведување на некои црни бизнис зделки и дали чувствувате одговорност за оваа ситуација?“, вели Драган Ковачки.
Автомобили со флешери има кај голем број мангупи кои се членови на политички партии, рече министерот Оливер Спасовски.
„Сакам да потврдам дека во тоа возило кое што беше опожарено имало поставени светлосни сигнализации и тоа не е ниту прво ниту последно возило. И факт е дека најголемите мангупи во сообраќајот се токму оние носители на функции и тоа не бирајќи ни политички партии, ниту функции ниту било што друго. И ако влезете во гаражата од белата палата, ќе ги видите првите флешери на кои што треба да им кажете и секако дека постојат и во другите политички партии.“, вели Спасовски.
Возилото на Груби беше запалено пред неговиот дом во саботата, а во јавноста се отвори сомнеж и за прикривање на имот.
