Притвореникот Вилијам Џенет починал откако неколку минути се борел за воздух и молел за помош додека полицијата го притискала и го држела со лицето надолу.
Ова се гледа од новите видеа направени во затвор во американската држава Тенеси.
Во тужбата поднесена во октомври 2020 година и изменета во февруари годинава од неговото семејството, ќерката на Џенет, Доминик тврди дека нејзиниот татко починал како резултат на употреба на прекумерна сила од седум полицајци додека бил во притвор во затворот во округот Маршал, по неговото апсење во мај 2020 година.
Според тужбата, полицијата го држела Џенет „прикован“ за подот вкупно четири минути. Полицијата тврди дека постапките на полицајците кои учествувале во инцидентот биле оправадани, бидејќи притвореникот бил крајно непослушен.
Државните обвинители ја затворија истрагата за неговата смрт пред неколку месеци, а поротата што го разгледа случајот одлучи да не поднесе кривични пријави против полицајците.
Џенет бил уапсен со обвинение за опивање, непристојно однесување и давање отпор при апсење. Во докуметите стои и дека за време на апсењето бил под дејство на дрога.
Официјалните лица во својот извештај наведоа дека на денот на неговата смрт тој бил агресивен во својата ќелија и дека одбил да ги почитува наредбите на чуварите кои се обиделе да го смират.
Во тужбата на семејството се наведува дека полицијата му ставила лисици, го срушила со лицето на земја и го притиснала, иако тој трипати ги предупредил дека не може да дише, а еден од чуварите дури и го исмејувал.
Во еден момент, на видеото се гледа како полицаец ги потсетува своите колеги на опасност од задушување поради положбата на затвореникот и ги замолува да го ослободат за да може да дише.
Во изјавата, градоначалникот на Луисбург, Џим Бингам, смртта на Џенет ја нарече несреќен случај, но истакна дека тој бил вербален и физички насилен кон чуварите на затворот и не сакал да коментира за семејната парница, која исто така била покрената против градот и округот.
