Веднаш штом дознаа дека платите им се префрлени на нивните жиро сметки, почнаа да ги повлекуваат автобусите кои беа паркирани пред Влада. Возачите не сакаа да говорат пред камера, само потврдија дека веќе ги добиле септемврските плати. Од Синдикатот на ЈСП велат дека се обезбедени плати за вработените до крајот на годинава.
„Платите се префрлени на сметките на вработените, продолжуваме да функционираме нормално. Платите се обезбедени за следните месеци, а со донесување на Буџетот за 2023 година ќе биде збогатен буџетот на јавното претпријатие за неколку милиони евра“, вели Миќо Стојановски.
Од Град Скопје велат дека Министерството за образование и неколку скопски општини му должат на претпријатието 2 милиони евра за транспорт на ученици и студенти. Но, од друга страна пак, ЈСП има акумулирано долг од неколку милиони евра.
Согласно податоците на Министерството за финансии, од септември 2018 до септември 2022-та, ЈСП има акумулирано неподмирен долг од 550 илјади евра до 4.8 милиони евра. Но, кому му должи толкава сума ова претпријатие, на ова прашање не добивме одговор од Град Скопје. Градоначалничката Арсовска, вчера пред медиумите рече дека долгот се провлекува веќе една деценија.
Пред Арсовска, на чело на Град Скопје беше Петре Шилегов од СДСМ во период од 2017 до 2021 година, а директор на ЈСП беше Кристијан Чушков. Пред Шилегов, со градот раководеше ВМРО-ДПМНЕ со Коце Трајанов од 2009 до 2017-та. Од 2015-та до 2017-та директор на ЈСП беше Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ, а пред него Мишо Николов.
