Околу 50 вработени во Клиниката за детски болести кои не ги добиле платите за последните 6 месеци и сè уште имаат нерегулиран статус, немаат одговор од институциите. ТВ21 контактираше со нивни претставници, кои изјавија дека сè уште немаат информации од Министерството за финансии, каде што протестираа и одржаа состанок минатата недела.
Тие не сакаа да зборуваат пред камера, бидејќи тоа ќе го направат утре на новиот протест, овојпат пред Министерството за здравство.
На прашањето за нивниот проблем, министерот за здравство Азир Алиу изјави дека не може да се решаваат проблеми ретроактивно од јануари наваму.
„Ќе се обидеме да го решиме и во Клиниката за деца, но ретроактивно не може да се решаваат проблемите. Проблемите треба да се проектираат и да се решаваат на долгорочен начин, во овој случај за една година. Знаете дека фискалната година почнува од јануари и завршува на 31 декември, значи не може да се враќаме ретроактивно да решаваме проблеми од јануари наваму“, вели Азир Алиу, министер за здравство.
Директорот на клиниката Реџеп Мемеди изјави за ТВ21 дека вработените сега не одат на работа. Универзитетската клиника за детски болести се соочува со недостиг на кадар, поради што на крајот на 2025 година биле реализирани нови вработувања.
Со согласност од Министерството за финансии, бил ангажиран медицински, административен и технички персонал со договор на дело.
„Во декември 2025 година Клиниката за деца преку Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување испрати официјално барање до Министерството за финансии за продолжување на согласностите за 2026 година за вработените со договор на дело. Во април оваа година Клиниката за деца доби негативен одговор од Министерството за финансии за непродолжување на договорите“, изјави Реџеп Мемеди, директор на Клиниката за деца.
Инаку, околу 50 вработени во Клиниката за деца пред неколку дена протестираа пред Министерството за финансии, барајќи исплата на шест заостанати плати, продолжување на работните договори и решавање на нивниот статус.
Новиот протест го најавија за утре, 12 јуни, пред Министерството за здравство.
