Вратите на општина Врапчиште заклучени: На поранешниот градоначалник вчера му истекол мандатот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Денеска вратите на Општина Врапчиште беа затворени. Вработените кои утрово пристигнаа на своите работни места немаа никаква информација што се случува.

Некои од нив, преку телефон, изјавија дека вратите ги затворил поранешниот градоначалник на општината, Исен Шабани.

Тој вели дека неговиот мандат завршил вчера и дека повеќе нема причина да остане во општината.

„Мене вчера, на 9 ноември, ми заврши мандатот. Денес е 10 ноември и за тоа треба да ја прашате Владата или довереникот на Владата. Тој од денес требаше да биде на функцијата, и секако одговорноста е на Владата и на довереникот на Владата зошто вратата е затворена. Мојот мандат заврши вчера и денес сум слободен граѓанин“, вели поранешниот градоначалник на општината, Исен Шабани.

Тој нема намера да ги отвори вратите на општината, а на прашањето дали ќе ги предаде клучевите на лицето назначено од Владата, изјави дека клучевите ги има премиерот и дека тој треба да ги предаде. Шабани, исто така, ѝ се заблагодари на Владата и рече дека е подготвен да соработува со неа на секој можен начин.

„Нека оди кај премиерот, тој ќе му го даде клучот. Ова ќе остане така, бидејќи јас не предавам мандат. Да ги имав изгубено изборите, ќе го чекав во мојата канцеларија и според нормите ќе го предадев мандатот. Но, во оваа ситуација и со овие турбуленции или валкани игри што се обидуваат да ги направат партнерите ВЛЕН и ВМРО, добро осмислени и оркестрирани, ќе се соочиме – ние сме тука во секое време“, изјави поранешниот градоначалник на општината, Исен Шабани.

Инаку, во Општина Врапчиште првиот круг од локалните избори пропадна поради недостиг на потребниот цензус. Изборите се очекува да се одржат за 60 дена, а во меѓувреме општината треба да ја раководи лице назначено од премиерот, што се очекува да се случи во текот на следната недела.