Коалицијата ВРЕДИ обвини дека ДУИ подготвува политичка криза, преку бојкотирање на локалните избори. Од владејачката коалиција соопштија дека ДУИ на денот на гласањето ќе испровоцира тензии, а како повод ќе се користи евентуалната одлука на Уставниот суд. Судот кон крајот на месецов ќе ја започне подготвителната седница, на која повеќе експерти ќе се произнесуваат по иницијативите со кои се оспорува Законот за јазиците, односно користењето на албанскиот јазик.
„Али Ахмети вчера од Липково самиот потврди: ДУИ подготвува бојкот на локалните избори! Истовремено, го призна она што ние одамна го тврдиме. Иницијативата за Законот за употреба на Албанскиот јазик пред Уставниот Суд е кукавичкото јајце на ДУИ, со кое сака политички да профитира предизвикувајќи штета на ВЛЕН.“, велат од ВРЕДИ.
Реакцијата на ВРЕДИ следува по изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети кој повика Албанците да се мобилизираат по прашањето за Законот за јазиците. Тој истакна дека под прашалник ќе се постави и одржувањето на локалните избори.
„Доколку се чепне Законот за јазиците, нема локални избори и не може да се постават кутии за одржување на локалните избори ако се чепка Законот за јазиците. Законот за јазиците не е закон на ДУИ, туку е закон и на сите оние кои ќе се родат, додека има изгрејсонце. Затоа, секој Албанец треба да се бори за Законот за јазиците и да не го политизира и проблематизира.“, изјави Ахмети.
Ахмети претходно побара ВРЕДИ да ја напушти Владата и заедно со локалните да се одржат и предвремени парламентарни избори. Функционери од ВРЕДИ, ова барање на Ахмети го оценија како нелогично и неприфатливо. Локалните избори се очекува да се закажат во првата половина на октомври.