ВРЕДИ се претвори во една партија од три политички субјекти – Демократско Движење, Алтернатива и Беса. Засега не е избран претседател туку само централното раководство составено од 23 членови – по 7 од секоја од трите партии и 2 од Движење Самоопределување. Претседателот на досегашната партија БЕСА, Билал Касами, изјави дека ВРЕДИ ќе настапи како еден политички субјект со заеднички листи и заеднички кандидати на локалните избори.
„ВРЕДИ одлучи раководството да биде првиот заеднички орган на партијата ВРЕДИ. Од денес па натаму, ќе има мораториум на јавни активности од страна на политичките партии кои учествуваат во ВРЕДИ и сѐ ќе биде под логото на ВРЕДИ. На следните средби ќе се формираат и другите органи на ВРЕДИ, раководителите на ВРЕДИ и шефовите на изборните штабови“, вели Биљал Касами.
Со оглед на тоа дека на вчерашниот состанок Изет Меџити, лидерот на досегашната Демократско Движење, изјави дека тие се обединуваат за да создадат два големи блока во албанскиот политички кампус, денес лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари беше прашан дали ова значи дека и тој ќе се приклучи на Европскиот фронт.
„Не знам како тие нѐ гледаат нас! Ние им посакуваме успех, мило ми е што се обединија три партии во една, посакувам да постигнат што подобри резултати. Само тоа можам да го кажам! А вие како се гледате себе? Ние засега кажавме дека ќе настапиме со посебни листи и најверојатно и со посебен кандидат!“, вели Арбен Таравари.
На следниот состанок на централното раководство на новоформираната партија ВРЕДИ се очекува да се дискутира за функцијата претседател. Еден од трите имиња – Изет Меџити, Билал Касами и Зекирија Ибрахими се очекува да биде избран за претседател на партијата.