Коалицијата „Вреди“ поднесе кривична пријава за говор на омраза за владиниот коалициски партнер Петар Богојески, кој е претседател на партијата „Македонски концепт“. Ова следува по напишан фејсбук статус на Богојески, кој воедно повика „Вреди“ да не се однесува како ДУИ. Од „Вреди“ потсетија дека политичарите имаат одговорност за своите изјави, но Богојески одговори дека тој не користел навредливи термини кон Албанците.
„Кога излегувам на официјални настапи и на јавните медиуми користам поформален јазик. На социјалните мрежи често користиме понеформален јазик, а кога се обидувам на Албанците да им се обратам подиректно, не е првпат, многу почесто сум го користел зборот „Шиптар“, кој не е навредлив“, изјави Петар Богојески од „Македонски концепт“.
„Веќе не е време за кревање рејтинзи во таква форма и ова дефинитивно оди во насока на другата партија – ДУИ, која во агендата исто така планира дестабилизација“, вели Бујаре Абази од Алијанса за албанците.
Само еден час откако „Вреди“ поднесе пријава во Обвинителството, истото го стори и Богојески. Тој вели дека пријавил политичари Албанци, но и граѓани, кои на социјалните мрежи ја омаловажувале државата Македонија.
По поднесувањето на пријавите Абази и Богојески искоментираа дали јавните преписки ќе се рефлектираат на односите во владината коалиција.
„Мислам не, меѓутоа сепак треба да се покажат границите што е дозволено и што не е дозволено. Нема да молчиме во ситуации кога не сме третирани со почит“, вели Бујаре Абази од Алијанса за албанците.
„На нас не ни се коалициски партнери. Ние сме дел од коалицијата „Твоја Македонија“. Непосредно ни се владини партнери и поведението на ВЛЕН, барем врз нашата партија има негативни последици“, изјави Петар Богојески од „Македонски концепт“.
Богојески на последните парламентарни избори настапи со коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а Абази вели дека овие случувања нема да влијаат на исполнувањето на владината програма.
