Позитивна атмосфера во таборот на фудбалската репрезентација на Македонија во пресрет од новата сезона во Лигата на нации. Нашите репрезентативци утре вечер го играат првиот меч од Б Дивизијата, а противник е силната селекција на Швајцарија. Селекторот Седлоски се надева на голема поддршка од трибините.
„Ги повикувам утре да дојдат во што поголем број. Да ги бодрат репрезентативците и да бидеме сите еден за друг. Наше е да се преставиме во добро светло, добро издание и една добра игра. Очекувам играчите дека ќе ја оправдаат довербата на навивачите кои очекувам да бидат во голем број, но и довербата кај мене, кај сите, цела Македонија“, вели Гоце Седлоски.
За капитенот Барди, но и играчот за врска Елмас, противници како што се Швајцарија секогаш се предизвик и сами по себе мотивација. Очекуваат голема поддршка од трибините, бидејќи како што велат, секогаш кога стадионот бил полн, успехот бил остварен.
„Секој позитивен резултат што го имавме, имаше полн стадион. Имавме поддршка од трибините. Тоа ни значи многу. Секој од нас е свесен дека имаме тешка утакмица, да бидеме реални. Ќе дадеме се од себе, да газиме, да оставиме срце на терен, само тоа можам да го кажам и да го ветам“, вели Енис Барди.
„Очкувам тежок натпревар, играме со силна репрезентација, која што знаеме каде стигна ова лето, стигнаа до четвртфинале на СП. Не чека тежок натпревар, но ние сме подготвени максимално, утре ќе излеземе на терен и ќе дадеме се од себе да направиме позитивен резултат“, вели Елиф Елмаз.
Дуелот со Швајцарија се игра утре со почеток во 20:45 часот на Арената „Тодор Просеки“. Во оваа репрезентативна пауза, Македонија ќе одигра вкупно четири натпревари. По мечот со Швајцарија во Скопје, следува гостување во Словенија, па потоа дома против Шкотска, а на крајот од циклусот вториот меч против Швајцарија на гостински терен.
