Светските енергетски пазари денеска доживеаја вистински потрес откако цената на суровата нафта од типот „Брент“ за само неколку часа се урна под 90 долари, бележејќи остар пад од речиси 12%.
Крај на неизвесноста во Ормутскиот Теснец?
Главната причина за овој „берзански земјотрес“ е веста од Техеран дека Ормутскиот Теснец е целосно отворен за комерцијален транспорт, како дел од договореното примирје во актуелниот конфликт на Блискиот Исток. Оваа клучна поморска рута, низ која минува една петтина од светската нафта, со денови беше под блокада или закана, што ја држеше цената вештачки висока.
Веднаш по објавата на Иран, инвеститорите реагираа со панична продажба на фјучерси, што резултираше со пад на цената од 99,39 на околу 87,47 долари за барел во рок од еден трговски ден.
Ова е прв пат од 9-ти април нафтата да биде под 90 долари за барел.
Што значи ова за македонските возачи?
Овој остар пад на светските берзи е одличен сигнал за домашната економија. Доколку трендот се задржи до понеделник, кога Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) прави нови пресметки, можеме да очекуваме значително поевтинување на горивата во Македонија.
Експертите предвидуваат дека ако „Брент“ остане под 90 долари, цените на бензинот и дизелот би можеле да се намалат за неколку денари по литар.
