Втор ден дебата за законот за работни односи – остри обвинувања на опозицијата и контрареакции на власта

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Втор ден од комисиската расправа на измените на законот за работни односи кој е еден од петте закони кои се потребни за изградбата на коридорите 8 и 10Д. Опозицијата и натаму со обвинувања дека измените на овој закон се противуставни а и покрај укажувањата на Канцеларијата на Европската унија европското знаме се злоупотребува. Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека целиот овој проект е историски грабеж а договорот е непоправлива штета за државата.

„Ноторна лага е тоа дека со носењето на овие закони изведбата ќе била пократка и поевтина. Напротив, ова е обид и тоа очаен да се спречат дополнителни трошоци бидејќи имате лош договор. Бидејќи најверојатно некој не го ни прочитал договорот а го потпишал. Па кога го виделе па сега ќе импровизираат. А токму тоа станува збор за импровизација бидејќи некој не мислел на државата туку мислел на нарачките на Артан Груби и Ковачевски“, вели Тони Јаревски.

Од власта велат дека опозицијата е деструктивна, а европското знаменце на законите е неопходно за да се надминат блокадите што ги прават опозициските пратеници. Имаме историска шанса за 4 години и 7 месеци да изградиме коридори кои се многу важни за државата, истакна Мартин Костовски од СДСМ.

„Имаме историска шанса за 4 години и 7 месеци да имаме 110 километри нови автопатишта. За 31 година во оваа држава се изградени 180 километри, ако не е ова историја не знам што е историја. Не можам да сфатам, се ви смета, ви смета и оваа постапка. И што треба, да станеме заложници? Да ве гледаме како се мајтапите со јавноста и историјата на оваа држава? Да не тормозите сите?“, додаде Мартин Костовски.

За измените на овој закон за работни односи од Сојузот на синдикатите на Македонија ја пренесоа реакцијата на Светската конфедерација на синдикати кои сметаат дека со зголемувањето на работното време ќе се зголеми и ризикот од несреќи на работниците

„Синдикатите се загрижени дека промените ќе го зголемат ризикот од несреќи, повреди и смртни случаи на работа, потоа ќе ја загрозат апликацијата на Северна Македонија за влез во ЕУ, бидејќи предлозите се во спротивност со директивите за работно време на ЕУ“, додаде Светската конфедерација на синдикати.

По овој втор ден од комисискиот претрес по измените на Законот за работни односи дебатата за другите закони се очекува да се одржи идната недела во текот на која и за секој од останатите законски решенија дебатата ќе трае по два дена. По ова законите ќе одат на пленарна седница на усвојување.