Лидерот на германските христијански демократи, Фридрих Мерц, не успеа да го освои потребното мнозинство во Бундестагот за да биде избран за германски канцелар во првиот круг од гласањето, што е неочекуван удар за неговата нова коалиција со социјалдемократите.
Мерц (69), кој на чело на Христијанско-демократската унија ЦДУ/ЦСУ победи на федерално ниво во февруари и договори коалиција со Социјалдемократите (СПД), доби само 310 гласови во Долниот дом на парламентот, објави претседателката на Бундестагот, Јулија Клокнер. Му беа потребни најмалку 316 гласови за да биде избран во првиот круг.
Клокнер ја прекина седницата за да можат парламентарните групи да одржат консултации за понатамошните чекори.
Денеска ќе се одржи и второ гласање во Бундестагот, со што ќе биде познато дали Мерц, конечно, денеска ќе стане канцелар.
