Второ рочиште на судењето за трагедијата во Кочани: Се одложи изјаснувањето за вина, обвинетите не го добиле интегрираното обвинение

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Второ рочиште од најголемиот судски процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во кој загинаа 63 лица. На ова рочиште беше предвидено обвинетите да се произнесат за тоа дали чувствуваат вина, но нивните адвокати реагираа поради тоа што дојде до спојување на првичното обвинение со она на сопственикот на фирмата за обезбедување на дискотеката. Тие посочија дека со самото спојување дошло до промена на обвинението и дека обвинетите треба да го добијат и да го разгледаат, па дури потоа да се произнесат за тоа дали имаат вина. Воедно адвокатите реагираа и дека со самото спојување, обвинението било доста хаотично, доказите измешани и не се знаело кој доказ за што се однесува.

-Нас ни беше доставено тоа интегрирано, таканаречено обвинение но ниту на еден од обвинетите. Ние во судница како бранители не сме обвинети ние сме во судница поради обвинетите кои го немаат обвинението за да знаат зошто седат во судница и зошто се обвинети, дел од нив се во притвор, дел се во куќни притвори. Несериозно е од Обвинителството да не достави па макар и вакво интегрирано обвинение на обвинетите затоа што денес ни претстоеше изјаснување на вина. Како некој ќе се изјасни за вина ако го нема она, да го прочита за што е обвинет, вели адвокатот Звонко Давидовиќ.

-Однесувањето на Обвинителството е несериозно. Несериозно е кон судот, несериозно е пред се кон семејствата на загинатите, несериозно е кон одбраната , несериозно е кон обвинетите лица. Ако дозволиме било што да поминува како што посакува Обвинителството ние на крајот на денот нема да дојдеме до она за што сите се залагаме, а тоа е одговорните лица да ја сносат одговорноста, невините лица што доста ги има во овој предмет со оглед на квалификацијата на делото, да бидат ослободени од вина. Меѓутоа, со ваквото однесување на Обвинителството, едноставно не се дава шанса на самата постапка, вели адвокатот Петре Шилегов.

Иако од Обвинителството рекоа дека обвинението е сосема исто и дека нема потреба од одложување, сепак судијката Дијана Груевска Илиевска ја прифати забелешката на адвокатите. Поради одложувањето на изјаснувањето на обвинетите, таа рече дека денешниот процес ќе се искористи за изјаснување на побарувањата за отштета од роднините. Тие и денеска беа присутни во судницата и рекоа дека се задоволни од начинот како судијката го води процесот.

Повеќе од 8 месеци ние родителите на починатите деца живееме во агонија и кај мене кога заврши првото рочиште се појави една искра на надеж а токму причината за таа надеж е судијката и воведниот дел на обвинителите. Ние родителите на починатите деца бараме само правда. Од тој кобен 16 март и на почетните маршеви и денес велам дека никој од нас не растел дете за да стане херој туку да стане човек. За жал нашите невини деца кои ги убија ја платија цената на овој корумпиран систем, вели Јулија Златкова, мајка на загинатиот Томас Златков.

Инаку, пред денешното продолжение на судскиот процес за пожарот во Кочани движењето „Кој е следен“ изведе герила акција поставувајќи нацртани очи спроти Кривичниот суд. Пораката од оваа акција е дека јавноста внимателно го следи процесот и дека сите очи се вперени во институциите кои треба да имаат правично и независно судење.