Вучиќ, Рама и Ковачевски во Белград – бараат заеднички регионален пазар за енергетика

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Создавањето заеднички регионален пазар за електрична енергија е повеќе од неопходен за надминување на кризата предизвикана со електричната енергија. Ова беше заеднички заклучок на сите лидери на Западен Балкан на средбата што ја имаа во Белград со владата на Норвешка.

„Нашиот заклучок е да формираме регионален пазар и таму да се обидеме да си помагаме во различни сезони, бидејќи некои од нас имаат вишоци во текот на зимата, некои во текот на летото, некои други имаат поголеми можности и големи капацитети за снабдување со гас,  некој уште не го изградил гасоводот, но во секој случај може многу да си помогнеме и само ако соработуваме да си ја обезбедиме иднината“, вели Александар Вучиќ.

Истото го мисли и премиерот на Албанија, Еди Рама.

„Нема сомнеж дека во овие тешки моменти станува се повидливо она што претходно го кажавме кога го почнавме „Отворен Балкан“ и кога апелиравме за поширока регионална соработка. Треба да ги регионализираме нашите пазари и што се однесува до енергетиката треба да излеземе подалеку од нашите граници бидејќи во спротивно остануваме мали пазари. Она што ни треба ако се третира изолирано ќе биде премногу условено“, додава Еди Рама.

Премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Србија Александар Вучиќ на заедничката конференција рекоа дека се блиску до договор за искористување на вишокот на природен гас на Србија во нашата гасна централа за производство на електрична енергија.

Лидерите од Западен Балкан се пожалија дека нивните земји инвестирале многу малку во капацитети за производство на електрична енергија овие 30 години.

„Од времето на Југославија не е дека сме изградиле суштински важни енергетски капацитети, имаше некои, но не многу големи. Идејата е да има активна изградба на енергетски капацитети, особено кога станува збор за соларни централи, паркови за ветерна енергија, исто така и централа за природен гас во пристаништето Бари која би била поврзана со постројките што ќе произведуваат гасна енергија“, вели Дритан Абазовиќ.

„Во Босна и Херцеговина, околу 60% од електричната енергија се произведува од термоелектраните, а со оглед на актуелните идеи, знаеме дека зелената агенда на ЕУ е одобрена и затоа мора да ја промениме во нашата позиција и да се движиме кон оваа насока. Свесни сме за фактот дека треба да ги решиме овие проблеми и ни треба регионална соработка меѓу нашите земји за да ги решиме“, вели Зоран Тегелтија.

Косово не беше присутно на конференцијата меѓу Норвешка и Западен Балкан. По оваа средба, лидерите на Западен Балкан ќе треба да влезат во преговори со владата во Осло за да овозможат финансиска поддршка и пристап на приватните компании да инвестираат во обновливите извори на енергија на Балканот.