Вучиќ утре ќе ги донесе вакцините против ковид – веб страната за вакцинација со проблеми, прв ден и веднаш-Error

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Паѓа веб страната преку која граѓаните треба да се регистрираат за вакцинација против Ковид 19. Уште на првиот ден страната не е функционална. Од МЗ велат дека се уште се комплетира и има технички проблеми.

„Во моментов се прават последните технички прилагодувања на веб-страницата преку која граѓаните ќе можат да се пријавуваат со изразување заинтересираност за вакцинација против КОВИД-19. Штом се овозможи целосна функција на веб-страницата, ќе Ве информираме повторно“, велат од Министерството за здравство.

Ги прашавме граѓаните дали ја посетиле веб страната за регистрација за вакцинирање.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека секој ќе може да се регистрира, а системот ќе биде тој кој ќе генерира кој ќе има приоритет. Капацитетот на вакцините е за 880 лица дневно на сите поликлиники на Здравствен дом Скопје и близу 500 плус на пунктот за вакцинирање на Клиничкиот центар во Скопје.

Владата информираше дека утре ќе пристигнат првите вакцини од Србија. Српскиот претседател, Александар Вучиќ утре на граничниот премин „Табановце„ ќе ја донесе првата пратка на вакцини за Македонија.

До крајот на месецов во нашата држава се очекува да пристигнат 200 илјади вакцини од кинескиот производител „Синофарм“, а премиерот Зоран Заев, најави дека постои можност следната недела да пристигнат и вакцините на „Фајзер“. Во март се очекуваат и вакцините на „АстраЗенека“ од Ковакс системот.

„Она што го очекуваме се кинеските вакцини на 15 или 16ти, денеска очекуваме да се случи плаќањето од страна на нашата земја за да може да се испланира пакувањето, обезбедување на превозот затоа што треба од Кина да долетаат 200.000 вакцини во Скопје. Денови се пред нас кога ќе стигнат вакцините“, посочи Зоран Заев.

Инаку, имунизацијата ќе почне со вакцинирање на здравствените работници и лицата над 70 години. Досега се пријавиле 4 илјади здравствени работници, а околу 2 илјади од нив се во Скопје, а другите се од другите градови.