Драстично зголемување на бројот на лица на кои им е определен притвор за семејно насилство. Од почетокот на годинава, оваа мерка им била изречена на 163 лица, додека минатата година во притвор завршиле 44. Станува збор за пораст од околу 270 проценти, покажуваат податоците презентирани на денешниот брифинг во Министерството за внатрешни работи, на кој присуствуваше министерот Панче Тошковски.
Статистиката на МВР покажува и значително зголемување на бројот на регистрирани кривични дела поврзани со семејно насилство. Во 2026 година биле поднесени 1.450 кривични пријави за вкупно 1.489 кривични дела, што претставува пораст од над 50 проценти.
Најчести жртви на семејно насилство се жените, најмногу во својство на сопруги, а потоа следуваат жените во вонбрачни заедници и мајките. Околу 20 проценти од регистрираните кривични дела се на подрачјето на СВР Скопје.
Според податоците, годинава кривичен прогон е преземен против 1.521 сторител, за разлика од 2025 година, кога оваа бројка изнесувала 1.025 лица.
Министерот Тошковски објасни дека зголемувањето на бројот на пријави делумно се должи на измените на Кривичниот законик, со кои полицијата повеќе не мора да бара согласност од жртвата за кривично гонење во случаи на нанесување телесна повреда при семејно насилство.
„Растот на пријавите се должи и на измените на Кривичниот законик според кои за нанесување на телесна повреда при семејно насилство се постапува по службена должност“, посочи Тошковски.
Тој оцени дека зголемениот број пријави е поврзан и со поголемата подготвеност на жртвите да го пријават насилството, како и со довербата во полицијата.
Зголемен е и бројот на кривични пријави поднесени по итна постапка. Во 2026 година биле поднесени 153 вакви пријави, наспроти 59 во претходната година.
Од МВР беа презентирани и пошироки статистички показатели за семејното насилство во периодот од 2021 до 2026 година, кои укажуваат на значителни промени во евидентирањето и постапувањето по овие кривични дела.
Дополнително, зголемениот број пријави не мора да значи и дека семејното насилство станало позачестено, бидејќи врз статистиката влијаат и законските измени и начинот на пријавување и постапување на институциите.
