За четири години готов автопатот Скопје–Блаце, проект вреден над 198 милиони евра

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во наредните четири години треба да биде завршена изградбата на автопатот Скопје–Блаце, долг околу 12 километри, проект кој се финансира со средства обезбедени преку Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), во форма на грант од 30,8 милиони евра и заем од 167,6 милиони евра.

Станува збор за инфраструктурен проект што се реализира на исклучително тежок терен на падините на Скопска Црна Гора, при што трасата предвидува изградба на пет тунели, девет мостови, 11 потпатници, четири галерии и девет потпорни ѕидови со цел обезбедување стабилност на патот.

Изградбата, според најавите, треба да започне во август годинава, а рокот за завршување е четири години. Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, информираше дека веќе се избрани консултант и изведувач, додека постапката за надзор е во фаза на евалуација.

Работите на вториот дел од автопатот ќе ги изведува конзорциум предводен од градежната компанија „Гранит“, кој ќе гради делница во должина од 10,5 километри. Заедно со претходно изградените 1,5 километри, вкупната должина на автопатот ќе изнесува 12 километри, со ширина од 27 метри.

Проектот има за цел да ја подобри регионалната поврзаност меѓу Северна Македонија и Косово, како и да го олесни движењето на луѓе и стоки. Автопатот Скопје–Блаце се смета за дел од поширока стратешка патна мрежа што ја поврзува земјата со Косово и Црна Гора, отворајќи нови можности за економска соработка и пристап до пристаништето во Бар.

Министерот за транспорт и врски Александар Николоски истакна дека Коридорот е од исклучително значење за земјата, бидејќи дневно по него се движат голем број патници и товар, а неговото комплетирање ќе придонесе за зајакнување на бизнис-соработката и регионалната интеграција.