За дом во строг и загаден центар на Скопје 2200 евра квадрат – има ли крај на поскапувањето на становите?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Продавам стан од 69 м2 за 150.000 евра во Капиштец, реновиран е, се продава наместен“. Друг стан од 80м2 во близина на Сити Мол се продава 140.000 евра, а за тоа се добива една спална соба, паркинг пред зграда и преубав поглед бидејќи станот се наоѓа на осми кат. Цената на квадратен метар за новоградба која треба да никне за година две во централниот дел на Скопје се приближи до 2.200 евра.

Во исто време скокнаа и цените на кириите за изнајмување станбен простор за живеење. Еден стар во Центар чини 400е за еднособен до 500 евра за двособен стан. Во близина Клинички центар киријата за стан од 40м2 е 250 евра, додека за луксузно наместен стан од околу 50м2 се плаќа 600 евра.

Оваа година цените на становите постојано се зголемуваа, а тоа го покажуваат податоците на Народната банка. На крајот од третиот квартал заклучно со 30 септември, цените рипнале за 11 отсто на годишно ниво, односно на 2,9% повеќе во однос на вториот квартал.

„Анализата на динамиката посочува на забрзување на растот во текот на годината, така што просечната годишна стапка се зголеми од 14,4 проценти во првото на 20,9 проценти во второто полугодие на годината. Од крајот на 2022 година, растот на цените на становите почна да забавува, што продолжи и во првата половина на 2023 година, иако сѐ уште е на повисоко ниво (12,9 проценти во вториот квартал на 2023 година)“, велат од НБРМ.

Експертите сметаат дека после пандемијата со коронавирусот имало зголемена побарувачка која заедно со неизвесноста од војната во Украина и растот на цените материјалите, посебно на железото, предизвика цените да се вивнат до небо.

Очекувањата се дека во следната година ќе се смири пазарот на недвижности затоа што побарувачката е намалена, а понудата е речиси двојно зголемена.

„Понудата на нови станови и натаму се зголемува, што речиси во целост се јавува поради зголемениот број станбени згради во градба. Во првите три квартали од 2022 година, просечната понуда на станови достигна 25.901 стан, што е зголемување од 13,9 проценти во споредба со истиот период од претходната година“, порача НБРМ.

Последниот Попис покажа дека од вкупно 839.000 станови, 63,4 проценти биле населени. Од 243.000 станови во Скопје, попишувачите запишаа дека 70.000 зјаат празни.