За два месеци 9 илјади лица добиле отказ, компаниите можат да ги вратат работниците, па ќе добијат помош

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сопружниците Димитриевски дојдоа во Агенцијата за вработување да се пријават како невработени. Тие се само дел од илјадниците граѓани кои поради корона вирусот газдите ги избркале и останале на улица без работа. Загрижен за својата и иднината на неговите деца, Димитриевски ни раскажа за тешката ситуација во која се нашол со неговото семејство поради пандемијата со корона вирусот.

„Вчера со сопругата добивме отказ. Поради вирусот ни заврши договорот. Големи проблеми имаме. Јас сум фамилиарен човек со три деца дома и јас и сопругата сме моментално не избркаа од работа. Тежок живот, не знам што ќе се случи“, вели Димитриевски.

Без никаква поддршка и помомош од газдите, двајцата бие приморени да ги потпишат отказните решенија.

„Ништо не ни помогнаа. Отидовме на работа, ни кажаа потпиши овде, потпиши онде и ајде пријатно. Толку“, рече Димитриевски.

Димитриевски се надева дека преку бирото за вработување ќе добие некаква помош од државата.

„Во фирмата кај што бев вработен ми кажаа да дојдеме во бирото за вработување и врз основа на годините на работен стаж, дека може да добиеме некаква помош. На ова последно работно место бев вработен три години. Ова со вирусот излезе изненадно. Дали воопшто има вирус, јас не знам, но важно е дека сите ќе страдаме“, рече Димитриевски.

Работа мора да има, ако сакаме да преживееме, вели Димитриевски.

„Ако нема работа не може да преживееме. Дома децата бараат да јадат, одат на училиште. Тешко многу во оваа место и држава“, додаде Димитриевски.

Сопругата на Димитериевски исто останала без работа поради корона вирусот.

„И мојата сопруга остана без работа. Беше прво на една место, па на друго место да работи. Поради вирусот застана се“, изјави Димитриевски.

Специјалниот советник на премиерот во Владата, Фатмир Битиќи на денешната прес конференција истакна дека со новата уредба компаниите кои ги отпуштиле своите вработени ќе можат да бидат вратени назад и со тоа да ја искористат помошта од државата.

„Уредбата за финансиска поддршка за исплата на платите овозможи компаниите коишто од 11 март до крајот на април отпуштиле одреден број работници сега да можат да ги вратат и на тој начин да ги искористат придобивките од оваа мерка. Тоа им дава голема шанса на работниците што во првиот налет на кризата ги изгубија работните места повторно да се вратат на нивните работни позиции“, рече Битиќи.

Според податоците на надлежните институции, бројот на невработени во март бил зголемен за 2.000 лица, а во април за уште 7.000 лица. За два месеци, поради коронавирусот без работа останале околу 9 илјади лица.