Според податоците на Министерството за здравство за состојбата во Гостивар на 29 јули, 73 пациенти побарале лекарска помош, а четворица биле хоспитализирани.
Воедно, во Здравствениот дом во Гостивар се регистрирани уште 28 нови прегледи во дежурната служба.
Според извештајот, во изминатите две недели вкупно 4.374 пациенти се јавиле за лекарска помош, а најголем број бил регистриран на 18 јули, кога биле евидентирани 649 случаи.
Во меѓувреме, водата во Гостивар сè уште не смее да се користи за пиење ниту за подготовка на храна.
Запрашан за ова, министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека секојдневно се земаат мостри од повеќе потрошувачки точки и дека водата ќе биде пуштена за пиење дури откако ќе се добијат три последователни исправни анализи.
„Она што е важно е дека водата сега може да се користи за други намени, освен за пиење и подготовка на свежа храна, така што тој дел барем е решен. Можно е некој тест да покаже дека водата не е исправна, па повторно ќе бидат потребни три нови анализи, односно уште три дена. Навистина е прерано да се предвидува како ќе се одвива состојбата.“, вели Сашо Клековски.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека проблемот настанал поради појава на нова бактерија во водоводната мрежа.
„Таа е присутна во инсталациите затоа што долго време не биле користени, а сега, со нивното чистење и хиперхлорирање, се појавува во мрежата. Очекувам и овој предизвик да биде надминат, по што водата повторно ќе биде безбедна за пиење и за подготовка на храна.“, рече Христијан Мицкоски.
Водата во Гостивар се загадила по пуштањето во употреба на три пумпи од надворешен канал. Во врска со овој случај беше уапсена директорката на Јавното комунално претпријатие во Гостивар, заедно со двајца нејзини соработници.
