За една година 237 семејства побарале дополнителен обид за БПО

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Новата можност за биомедицински потпомогнато оплодување (БПО) до шест обиди веќе активно се користи, покажуваат податоците на Фондот за здравствено осигурување. Во првата година од примената на законските измени, од вкупно 1.883 разгледани барања, 237 се однесувале на четврти, петти или шести обид.

Тоа значи дека околу 12,6 отсто од сите разгледани барања биле за дополнителни обиди, кои претходно не биле покриени од Фондот.

Од 237-те барања, најголем дел, односно 216, биле за четврти обид. Седумнаесет барања се однесувале на петти, а четири на шести обид за БПО.

Измените на Законот за здравствено осигурување беа објавени во „Службен весник“ на 17 јули 2025 година. Првата седница на Комисијата за БПО на која се разгледувале барања за четврти, петти и шести обид се одржала на 7 август истата година.

Од ФЗО велат дека паралелно со законските измени биле направени и промени во интерните акти, процедурите и системските решенија, со цел новото право да може да се применува без застој.

Дополнително, постапката е олеснета преку електронска достава на известувањето за одобрено право на БПО. Продолжен е и рокот за приговор од осум на 15 дена, а здравствените услуги за БПО може да се користат врз основа на известувањето од Фондот, без дополнителен упат од избран гинеколог.

За БПО постапките реализирани во осум здравствени установи со кои ФЗО има склучено договори, во текот на 2025 година биле издвоени повеќе од 97,3 милиони денари.

Од Фондот оценуваат дека проширувањето на правото од три на шест обиди претставува дополнителна можност за семејствата кои се соочуваат со потешкотии при остварувањето на желбата за потомство.

Според ФЗО, целта е финансиските ограничувања да не бидат причина за прекин на понатамошните обиди за БПО.

Во исто време, демографските показатели во земјава и понатаму се неповолни. Во 2025 година биле регистрирани 15.850 живородени деца, што е 1,3 отсто помалку во споредба со претходната година. Бројот на починати лица изнесувал 20.287, со што природниот прираст останал негативен.

Намалување на бројот на раѓања е забележано и во првите два квартала од 2026 година. Во првото тримесечје се родиле 3.380 деца, а во второто 3.684, што претставува намалување во однос на истиот период од претходната година.

Од ФЗО посочуваат дека проширувањето на правото на БПО е една од мерките со кои се настојува да се обезбедат поголеми можности за семејствата кои сакаат да имаат деца, додека демографските предизвици бараат пошироки и долгорочни политики во повеќе области.