За Костадиновски, Собранието е уставно недисциплинирано – Гаши му врати: секој треба да си гледа во својот двор како работи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Секој треба да си гледа во својот, а не да гледа во туѓиот двор. Вака претседателот на Собранието Африм Гаши му одговори на првиот човек на Уставниот суд Дарко Костадиновски кој го критикуваше законодавниот дом дека не ги извршува обврските кои од нив ги бара Уставниот суд. Во однос на тоа дека сепак за дел од законите не се почитуваа роковите кои ги одреди Уставниот суд, Гаши истакна дека тоа не е вина на Собранието бидејќи тие не ги прават измените на законите на кои посочува Костадиновски, туку одредени министерства задолжени за тоа. Секоја координација има претставник на Влада и кога имаме таков случај ние постојано прашуваме до каде е тој закон, појасни Гаши.

„Секој треба да се грижи  за институцијата која ја води, а не да гледа во туѓиот двор. Треба повеќе да се грижиме за институциите кои ги водиме отколку да гледаме што другиот работи. Како политичар не влегувам во конфликт со други институции, но кога би гледале како работи институцијата која ја раководиме таа подобро ќе функционира. Јас гледам како работи и од тоа се водам во раководењето на Собранието. Без мислење од Владата не можеме да преземеме одредени чекори“, рече Африм Гаши.

Костадиновски деновиве во интервју за поткастот „Каде се парите“ критикуваше дека Собранието не ги извршува одлуките на Уставниот суд. Поради тоа, тој истакна дека нема повеќе да биде толерантен кон законодавниот дом кој, како што рече, е уставно недисциплиниран орган.

„Јас не сум сигурен дека веќе ќе бидам толку конструктивен спрема законодавниот дом. На последната прес конференција годишна кажав, медениот месец за Собранието заврши. Ние 3 шанси му дадовме на Собранието. Прво беше законот за електронски комуникации му одредивме рок 2 до 3 месеци не ја почитува нашата одлука. Му дадовме рок, да не настане несогледливи последици за измените на Кривичниот закон, 10 месеци. Тоа ли е однос спрема Уставниот суд. Јас често велам Собранието е уставно недисциплиниран орган“, вели Дарко Костадиновски.

Претседателот на Уставниот суд Костадиновски минатата година неколку пати предупредуваше и даде рок Собранието да ги донесе измените на Кривичниот законик, но законодавниот рок не ги запази дадените рокови, на кои инсистираше и меѓународната заедница.